ПОВИК ЗА ТРУДОВИ ГОДИШЕН ЗБОРНИК НА ФИЛОЗОФСКИ ФАКУЛТЕТ

Почитувани,

Редакцискиот одбор на Годишниот зборник на Филозофскиот факултет на седницата одржана на 24.02.2017 година донесе одлука дека трудовите за Годишниот зборник, бр. 70 за 2017 година ќе се примаат најдоцна до 15-ти мај 2017 година (понеделник).

Авторите треба да приложат копија на текстовите на македонски јазик и на англиски јазик, изработена во формат А4. Обемот на основниот текст во трудот треба да изнесува од 7 до 10 страници. Покрај основниот текст, трудот треба да содржи кратка содржина, на македонски и на англиски јазик, и библиографија. Текстот треба да биде приложен задолжително во печатена форма и во електронска форма (на CD, DVD или испратени преку електронска пошта). Текстовите треба да бидат според утврдената стандардизација на прилозите во поглед на нивната структурираност и начинот на изложување на научната апаратура, односно да содржат: кратка содржина (на македонски и на англиски јазик), клучни зборови (на македонски и на англиски јазик). Текстовите кои ќе го надминат обемот од еден авторски табак, кои не се комплетни и кои не ја почитуваат пропишаната стандардизација нема да бидат објавени. Ве молиме да ги почитувате бараните стандарди.

И оваа година Редакцискиот одбор ја почитува одлуката рецензирањето на трудовите да се одвива од страна на анонимен рецензент од областа на пријавениот труд. Одлуката беше донесена за да се подобри квалитетот на трудовите објавени во Годишниот зборник и за да се подигне стандардот на објавените трудови.

Со цел целата постапка да се спроведе коректно и навремено, авторите на трудовите се должни да достават еден примерок од трудот, а првата страница од трудот треба да се достави во два примерока. На првиот примерок од првата страница треба да биде напишано името и презимето на авторот на трудот, а на вториот примерок од првата страница не треба да биде напишано името и презимето на авторот. Оваа страница ќе му биде доставена на рецензентот како насловна страница со шифра.

Исто така, со пријата на трудот, авторите треба да приложат и изјава со која треба да се потврди дека трудот е автентичен (дело на авторот/авторите) и претставува негово прво објавување односно дека трудот не е публикуван на друго место. Доколку некој од авторите конкурирал со истиот труд на повеќе места и во меѓувреме трудот е прифатен за публикување и авторот одлучи трудот да се публикува во друго списание тогаш авторот има обврска да го извести Редакцискиот одбор за настанатата промена најдоцна до 3 недели пред печатење на Годишниот зборник односно 20 ноември во тековната, календарска година. Тој труд ќе биде повлечен и нема да се печати во тековниот број на Годишниот зборник.

Со оглед на одлуката донесена на конститутивната седница на Редакцискиот одбор на Годишниот зборник на Филозофски факултет за период 2015-2019, наведените трудови кои се доставени после предвидениот рок нема да бидат земени предвид за тековното издание туку ќе се депонираат за наредното издание на Годишниот зборник, Ве молиме да ги почитувате наведените датуми и параметри.

Ценејќи го Вашиот придонес во областа во која се занимавате, Редакцискиот одбор на Годишниот зборник го очекува Вашиот труд.

Со почит, Редакциски одбор на Годишен зборник на ФЗФ